Ваквиот крајно нелогичен развој на настаните од кој штета трпат вработените на бродовите, нивните семејства, но и охридскиот туризам, ја отвора дилемата за целисходноста од донесување на една крајно непотребна, контрапродуктивна и во најмала рака контроверзна одлука. Бродарите кои со месеци напразно тропаат на вратата од Капетанијата со барања за ставање ред во внатрешната пловидба, сега велат дека се чувствуваат како жртви на уцена, затоа што услов да отпловат е да ги послушаат надлежните институции, кои немаат слух за нивните проблеми и да извршат технички преглед кај новиот овластен регистер на бродови. Со месеци Здружението на бродари укажува на потребата од регулирање на состојбите кои доведоа до минатогодишната трагедија на бродот „Илинден“, бараа унифицирани документи за евиденција, бродски дневници, утврдување на водните патишта, сигнализација и можност за едукација и добивање на звања за посадите на бродовите во Македонија.
Капетанијата себеси се амнестира од одговорност за состојбите во водниот сообраќај. Дури и ангажирањето на Овластен регистер на бродови не било нејзина, ниту обврска на Министерството за транспорт, кои со ангажманот на „Биро Веритас“, како што кажаа, им помагале на бродарите да го извршат неопходниот технички преглед, но забораваат ли институциите дека довчерашната овластена компанија за технички преглед, германски „Лојд“ договорот за вршење на услуги и го раскина на државата, а не на бродарите и тоа без да најави таква можност една година порано, како што ја обврзувал договорот, туку 15 дена пред истекот на рокот за регистрација. Државата најави дека ќе го тужи германски Лојд за непочитување на договорот и им сугерираше на бродарите да го направат истото, но најголема штета тие трпат сега, кога заради изречената забрана стојат закотвени во пристаништето. Одговорност и во овој случај од Капетанијата нема, виновни се само вистинските капетани на чии бродови наместо туристички прошетки деновиве се организираат прес конференции за јавноста да ги чуе нивните проблеми, кога веќе нема кој да ги слушне од надлежните.