Охрид не памети да имал два супер квалитетни клуба во елитните лиги (ракомет и кошарка), а да имал помалку публика, но и однос кон спортистите и спортските работници без респект. Како инаку да се толкуваат полупразните, некогаш и празни трибини, на кои се помалку има искрени љубители на спортот. Чест на малкуте исклучоци и на навивачите за кои сепак вреди да се игра и да се победува во дресот со боите на градот. Да, за градот, затоа што без оглед што тоа на некои спортски „експерти“ им се врти низ глава додека нервозно сурфаат и хејтаат на социјалните мрежи, играчите кои ги бранат боите на охридските клубови го репрезентираат градот.
На трибините на спортската сала „Билјанини извори“, синоќа на последниот натпревар во првиот дел од сезоната на РК Охрид, водечката екипа во најголемиот дел од првенствтото, имаше едвај неколку стотини гледачи, кои можеа да уживаат во убедливата победа над Металург 2.
-Не знам што сака повеќе публиката од нашата ракометна екипа, прикажуваме годинава можеби уште подобри игри отколку минатата сезона. Иако лани имавме повеќе играчи и повеќе странци годинава имаме покомпактна екипа, играме одлично и на домашен и на гостински терен, имаме само три порази со еден гол разлика, меѓутоа не знам што сакаат охриѓани. Сигурно ќе дојдат да го гледаат Вардар, Металург, Пелистер, а не сакаат нас да не гледаат. Не знам зошто, дали политиката си го прави своето, но отворено ќе кажам во РК Охрид се зборува само за спортот, се радуваме на секоја победа, тагуваме после секој пораз, кај нас е се спортски и се надевам на поголема поддршка во пролетниот дел. – изјави за OhridNews тренерот на РК Охрид Горан Андоновски.
Публиката ја нема во голем број ниту на натпреварите на КК АВ Охрид кој од оваа сезона игра во Првата лига и претставува спортски колектив за пример. Но наместо искрена поддршка, како што често се случува и на ракометните средби, дел од публиката, без и малку респект потценувачки и иритирачки се однесува кон домашните играчи. Наместо поттик кога не оди поединци им го вртат грбот на играчите.
Посебна приказна е и некогаш одличната навивачка трибина. „Рибари“ се жалат дека во континуитет навивачите се мета на систематски и отворен притисок од страна на органите на редот и мирот. За волја на вистината нив често ги има многу повеќе отколку што на трибината има навивачи. А нив, пак, ги има се’ помалку, за што пред се најголема одговорност сносат тие што изминатите години ја водат или водеа трибината. Оние пак кои се’ уште доаѓаат како навивачи на натпревари се легитимираат, запишуваат, казнуваат, застрашуваат. Се разбира дека како и во секоја навивачка приказна има поединци на кои местото не им е на трибините и тука нема пардон, но крајно некоректно е тие што доаѓаат да го бодрат својот клуб, да бидат третирани како постојана закана.
Спортот се игра за публика, за навивачи. Без вистинска публика која ќе ги сака и поддржува клубовите и без навивачи кои треба да бидат играч повеќе за Охрид, а „Билјанини извори“ жежок терен за секој противник, што одамна не е, не може да има добра спортска приказна и успех. Охриѓани знаеле да го ценат спортот. Спортскиот жар верувам дека целосно не изгаснал кај нив и дека повторно ќе пламне со сиот сјај, оти инаку ништо од спортот во градот. А град без спорт, култура и публика не е град.
Г. Момироски