Периодов граѓани љубители на животни и активисти забележаа дека во Охрид преку ноќ ги снема доста бездомни кучиња кои ја имаа потребната грижа, внимание и исхрана од страна на дел од граѓаните.
Дел од нив беа стерилизирани, вакцинирани и прочистени на трошок на самите граѓани, кои беа приврзани за нив, но кои немаа услови за да ги вдомат со оглед што веќе имаат миленици.
Погодени од празнината што ги нема опавчињата кои секој ден ги пречекуваа, дел од тие граѓани сами се вдадоа во нивна потрага, барајќи ширум перифериите на Охрид, па сѐ до депонијата Буково. За жал ни трага ни глас од нив, со што се создаде основ да се помисли дека најверојатно се отруени и инстантно кренати се лешевите за да нема врева.
Но, едно од кученцата кои ги снема, имено инвалид со ампутирана задна нога, пред некој ден е забележено во Ресен. Тамошен жител кој не сака да сведочи ни кажа како околу Ресен бил извршен истовар на кучиња од бело комбе (или пикап) со охридски таблички. Тоа што таму осамна ова кученце само потврдува дека така е постапено.
Се поставува прашањето по кој основ едно вакво дејание е извршено, со оглед што се коси со законот за заштита и благосостојба на животните? Се поставува прашањето кој тоа наредил и одобрил да се изврши едно вакво нехумано дејание? Нови кученца исфрлени во нови за нив непознати области само го зголемува стеесот кај нив, кој стрес може да доведе до пројава на агресија кај нив. Воедно, со вакво дејание само се префрла товарот на една друга општина, нешто што е крајно мизерно.
Бараме да се поведе истрага ширум одговорните лица при општината во Охрид, и при комуналната служба, бидејќи токму тие се најодговорни за бездомните животинки и за примена на законските одредби и решенија за справување со проблематиката на прекубројноста на бездомни животинки. Воедно, и Охрид е жртва на таквите дислокации на кучиња од други градови, но изостанува слухот на институциите за хумано и перманентно решение на оваа проблематика, а решенијата се тука, решенија кои одамна ги имаме понудено. Прашуваме – до кога ли вака? И зошто ли вака?
Истиов период забележано е напуштено куче вучјак, за кој знаевме кој му е сопственик. За среќа кучето најде вдомувачи, а против сопственикот (кој веќе зел ново куче) е поднесена пријава и стапено е во контакт со директорот од Агенција за храна и ветерина за што ќе биде испратена инспекција со надеж дека сторителот ќе биде казнет.
Ваквите несовесни постапки на сопственици на миленици само го продлабочуваат проблемот со бездомните кучиња, и доколку изостанат санкциите не веруваме дека ќе престанат ваквите незаконити и нехумани дејанија.
Климент Арнаудов
граѓанин на Охрид и активист при неформалната иницијатива за заштита на животните “Лајка Охрид/Струга”
Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите