Центар за култура „Григор Прличев“

Од 28.12.2018 - 20:00 до 28.12.2018 - 21:30

На 28 декември, петок, Народeн театар Охрид премиерно ќе ја изведе претставата „Каде е пиштолот?“  од унгарскиот автор Габор Ѓоргеј, а во режија на Дејана Николовска.

„Каде е пиштолот?“ е модерен сатиричен текст со силна егзистенцијалистичка позадина, создаден во седумдесеттите години од минатиот век. Во својата срж текстот се занимава со човековата дуална природа, играјќи помеѓу позициите на опресор и потчинет низ петте ликови кои го носат дејствието.

Во претставата играат: Горан Стојаноски, Никола Тодороски, Адријана Билаловиќ Тодороска, Ивица Цонев, Стрезо Стаматовски. Сценограф, костимограф и дизајн на светло е Милена Пантелеева, музиката е на Гаро Ашикјан, кореографијата е на Асја Иванова, драматург е Кристина Тодороска Петреска,  инспициент Филип Ангеличин-Жура, а технички раководител Зоран Левески.

Премиерата на 28 декември, ќе биде изведена во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 20 часот. Ден порано, на 27 декември, претпремиерно ќе биде изведена претставата „Каде е пиштолот?, исто така во 20 часот.

Цената на влезниците за претпремиера изнесува 200, а за премиера 250 денари.

За авторот:

Габор Ѓоргеј (Görgey Gábor)

Унгарски писател, драматург, режисер. Помеѓу 2002-2003 бил Министер за култура на Унгарија. Бил уредник на бројни литературни списанија во Унгарија, член е на Унгарскиот ПЕН клуб. Бил главен драматург во Националниот унгарски театар, резидент во Мадаш Театар, како и на Панониа филм студио. Автор е на преку 30 литературни дела (драма, поезија, новели) а со пиесата “Каде е пиштолот?” добива меѓународно реноме, а пиесата се игра на многу меѓународни сцени, меѓу кои и САД. Добитник е на бројни литературни награди.

OhridNews