Синоќа публиката во рамки на програмата на Охридско лето имаше можност да ја проследи легендарната претстава „ Јованка Орлеанка “ во изведба на бугарскиот театар „ Рачо Стојанов“ од Габрово, а во режија на Петринел Гочев.
Во фокусот на претставата е прашањето за послушноста кон Господ, за верата во Неговото ветување и храброста да се исполнува Неговата волја. Ликот на Јованка Орлеанка, девица од Орлеанс плени со нејзината одлучност, верност и побожност. Иако не знае да пишува, таа по заповедта на Архангелот ќе ја поведе Франција во војната против Англичаните и според ветувањето, ќе извојува победа, предводејќи ја францускатата војска и ќе ја ослободи Франција од англиско ропство. Претставата е базирана на вистинската приказна за популарниот лик на Јованка, која во 15-тиот век станува народна хероина на Франција.
Режисерот Петринел Гочев сподели за Охридњуз која е неговата кауза за прикажување токму на оваа претстава и не ја криеше радоста поради големиот интерес на публиката за да проследи оваа легендарна пиеса.
„ Одлучив да ја режирам токму „ Јованка Орлеанка“ заради актуелноста на самата тематика. На самиот крај пиесата завршува со констатацијата: „ Ако беше Бог тогаш тука, ќе биде и сега, ако не бил тогаш, нема да биде ниту сега“, што претставува мој агол на доживување на драмскиот текст. Сметам дека Бог е или не е дел од нашиот живот. Токму затоа не можеме да го повикуваме само во кризни моменти, кога ни е тешко, а во остатокот од нашето секојдневие целосно да забораваме на Него. “ – изјави Гочев.
Актерката Гергана Змијчарова, која ја толкува главната улога, издвои некои од позначајните моменти од процесот на подготовка на претставата.
„Поминав низ тежок процес додека се соживеав со улогата на Јованка, но ужасно многу ми се допадна оригиналниот текст. Најмногу ја сакам сцената кога зборувам за смелоста со кралот Шарл седми , кога го убедувам дека треба да собере храброст за да ја почне војната со Англија и дека смелоста значи соочување и надминување на стравот. Мојата храброст го поттикна и кралот да почне да размислува победнички. Инаку денес ретко се режираат престави во кои се зборува за Господ, така што вечерва понудивме нешто поразлично. Смета дека вреди да се пишува и зборува за една можеби не толку актуелна тема, како што е Божјата перспектива на нашите одлуки и каде е Бог во нашиот живот. “ – изјави Змијчарова.
Два и пол часовната престава понуди една поинаква, метафизичка перспектива на гледање на нештата, христијански светоглед и духовна длабочина за која вреди да се размислува.
Ивана Чичоска