На влезот од Охрид, како на влезовите и на други градови се поставени повеќе билборди (големи рекламни паноа). Сето тоа е во ред ама се сомневаме дека на влез на друго туристичко место во светот ќе ве пречека реклама за друга туристичка дестинација, како што тоа е случај со влезот на Охрид кога доаѓате од Скопје.
На само стотина метри од клучката огромна реклама ви посакува добредојде во Турција. Итро од тој што ја смислил и успеал да го закупи рекламниот простор, но многи невкусно и неодговорно за градот Охрид.
Од локалната самоуправа се правдаат дека градот за соодветен надомест ги отстапува локациите за поставување билборди на рекламните компании „Акцент медиа“ и „Еуро линија“ и дека понатаму што ќе се рекламира на нив одлучуваат сопствениците на билбордите. Фино оправдување, но имајќи во предвид дека доколку општината не дозволи тие нема да постават билборд, јасно е како ден дека доколку се стави само една мала клаузула во договорот со рекламните компании проблемот би бил решлив. Не е спорно да се рекламира друга туристичка дестинација, ама тоа да биде на петанесетина метри квадратни на влезот од Охрид во најмала рака е невкусно.
Од локалната самоуправа се согласуваат со ваквата констатација и најавуваат дека ќе направат се на споменатиот биборд да се промени рекламната содржина, како и дека ќе настојуваат во иднина такви пропусти да не се повторуваат.
Г. Момироски