Кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ги отфрли тврдењата дека Киев стои зад убиството на Дарја Дугина, ќерката на рускиот идеолог Александар Дугин.

Украина, се разбира, нема никаква врска со вчерашната експлозија, бидејќи ние не сме криминална држава, како Руската Федерација, а уште помалку терористичка држава, изјави за новинарите советникот во претседателскиот кабинет Михаил Подољак.

Според него, Русите креваат тензија за да постигнат јавна мобилизација, а не прикриена.

Подољак вели и дека во Русија сега има различни политички групи кои се борат меѓу себе за да го прераспределат внатрешниот идеолошки простор во земјата.

Автомобилот на ќерката на Дугин, кого го нарекуваат идеолог на Кремљ и на „рускиот свет“ и војната во Украина, експлодирал на автопатот во близина на Москва, а Дарја Дугина починала на самото место, соопштија руските истражни органи.

Според очевидци, во автомобилот требало да биде и самиот Дугин, но во последен момент се префрлил на друго возило. Дел од медиумите оценуваат дека вистинската цел на нападот бил Александар Дугин.

OhridNews