Забрана за работа во времетраење од 30 дена и парична казна од по 1500 евра, добија кабелските оператори „Алтрасат“ и „Атика“, додека на кабелската телевизија „Инфел“ и е изречена мандатна казна од 1500 евра, во акцијата на Координативното тело за заштита на интелектуалната сопственост што денеска се спроведе во Охрид.
Како што соопшти претседателот на Координативното тело, Мите Костов, „Алтарсат“ и„Атика“ немале договори за реемитување на странска програма и не поседувале фискални каси, додека казната на кабелската телевизија „Инфел“ и е изречена заради непоседување на фискален апарат.
Акцијата на Координативното тело во која се вклучени инспектори од УЈП, Царинската управа, пазарниот инспекторат, државниот завод за индустриска и интелектуална сопственост и од Министерството за култура продолжува во Струга.Акцијата како што информираше Костов, се спроведува на барање на Советот за радиодифузија и со неа ќе дидат опфатени 23 кабелски оператори во земјава.
Костов напомена дека Координативното тело работи професионално и неселективно и дека тоа нема да подлегне на никакви притисоци. „Доколку почувствувам било каков притисок веднаш ќе поднесам оставка“ рече Костов. Тој изрази незадовослтво од работата на охридскиот основен суд, кој како што рече реализирал само 4 кривични пријави кои инспекторите ги поднеле против прекршителите на законот за заштита на индустриската и интелектуалната сопственост за време на претходните контроли во Охрид.
На оваа тема вчера разговарале претставници на Координативното тело за заштита на индустриската и интелектуалната сопственост и претседателот на Основниот суд во Охрид Владо Дејаноски, од кого било побарано да се заложи предметите кои се однесуваат на заштитата на интелектуалната и индустриската сопственост да бидат поекспедитивно решавани.
Инаку неодамна Европската комисија во извештајот за напредокот на Македонија изрази незадоволство од напорите кои земјава ги прави во заштитата на интелектуалната и индустриската сопственост и побара подобри резултати во оваа област.
Горан Момироски