Затскриена во тиња и трска цевка од атмосферска канализација завршува во каналот Студенчишта, на просторот кај некогашниот едиличарски клуб со кој сега стопанисува ЈП „Билјанини извори“. Навидум ништо страшно со оглед дека атмосферската канализација треба да ги прима водите од врнежите. Но, во овој случај не е така. Наместо чиста атмосферска вода, од овој испуст кај населбата Охридати во езерото се влеваат непречистени отпадни води. Се работи за црна еколошка точка која е актуелна речиси две децении, а преземените активности од јавното претпријатие „Билјанини извори“ го открија подзаборавениот проблем.

При работите за уредување на сидриштето во каналот Студенчишта го воочивме проблемот со цевката од која се сливаат отпадни води. Веднаш го известивме ЈП „Нискоградба“ кое интервенираше и го санира проблемот. Со почетокот на сезоната кога се наполни населбата Охридати проблемот повторно се појави. Известени се сите надлежни институции и организации, Нискоградба, Колекторски системи, Хидробиолошкиот завод невладината Охрид SOS. – изјави за OhridNews Гордана Јованоска, директор на ЈП „Билјанини извори“.

Од ЈП „Билјанини извори“ се сомневаат дека се работи за диви приклучоци, но, како што велат, тоа треба да го утврдат надлежните служби во соодветните јавни претпријатија кои се известени за проблемот. Освен цевката од која наместо атмосферска тече отпадна вода во каналот кој се влева во Охридското Езеро, на посочениот простор затекнати биле и големи количества најразличен отпад.

Отстранивме 360 метри кубни фекелен отпад, шут и друго ѓубре. Вкупно 18 камиони. Ги заменивме металните прачки и огради со еколошки, се со цел да зе заштити животната средина. – вели Јованоска.

Контактиравме и со Државното јавно претпријатие „Колекторски системи“, од каде ни кажаа дека се запознаени со проблемнот и работат на решавање.

Се работи за испустен канал за дождовни води, но доаѓа до запушување на одредена точка повисоко при што фекалните води се прелеваат во атмосферските. Деновиве ќе излеземе на терен со цел да го измериме капацитетот на канализационата мрежа. Доколку проблемот со прелевањето не може да се санира, ќе ја дислоцираме линијата за атмосферска вода, односно ќе ја спроведеме директно во колекторот. – изјави директорот Владимир Алексијоски.

Изминатиот период се вршеше санација на дотраениот колекторскиот систем на Охридското Езеро, со кој сега стопанисува државата. Со специјална техника се чистеше цевководот кој треба да ги одведува отпадните води до пречистителните станици, а најавени се дополнителни инвестиции за ревитализација и доизградба на колекторот на Охридското Езеро, со цел тој да биде целосно функционален.

Г.М.