Кај сите 59 настрадани во пожарот во дискотеката Пулс во Кочани причина за смртта е насилна и е настаната заради насилно задушување и е дирекно поврзано со пожарот во дискотеката Пулс, рече на денешната прес конференција раководителот на Институтот за судска медицина, Александар Станков.
Кај дел од нив се пронајдени изгореници од прв и втор степен, кај тројца и изгореници од 4 степен. Но, причината за смрт е задушување. Обдукциите започнаа во вечерните часови на 16 март, а завршија на 18 март. Паралелно со вршење на обдукцијата беше собиран материјал и вршена идентификација на жртвите. Првичната идентификација беше вршена во болниците каде беа однесени жртвите, но таму се вршеше идентификација со помош на препознавање и лични документи пронајдени кај починатите. Во услови на ваква динамика тие методи не се доверливи и може да се случат грешки. Затоа и една од целите беше да се изврши идентификација, за која употребивме две методи со помош на ДНК и дактилоскопи. Идентификацијата беше комплетно потврдена на 19 март. Се проверуваа неколку пати, за да се избегнат грешки, посочи Станков.
Вкупно, вели беше направена обдукција на 59 лица, најголем број од нив односно 70% се на возраст од 16 и 29 години. Од починатите 16 се припаднички на женскиот пол, 43 на машкиот.
Во наредниот период во текот на месец март очекуваме да бидат завршени сите извештаи во врска со направените одбукции. Може ќе ни треба повеќе време да се извршат токсиколошките анализи кои реално бараат време. Облеката и личните предмети на починатите кои се пронајдени за време на обдукциите се на Институтот и се во надлежност на Јавното обвинителство, бидејќи можат да бидат земени и како докази во судската постапка, додаде Станков.
Истакна дека за одбукцијата и идентификацијата на починатите биле формирани 6 тимови во кои, освен експерти од Судска медицина, имало и патолози, а биле вклучени и тимови од МВР.
Н.С.Ј.