Неексплодирана рачна бомба од периодот на светските војни денеска е забележана во водите на Охридското Езеро во непосредна близина на мостот пред хотелот „Палас“. Експлозивната направа која најверојатно “испливала“ од дното по силниот јужен ветер што деновиве дуваше во Охрид, ја забележале минувачи кои веднаш ја известиле полицијата.

И покрај тоа што бомбата се наоѓа на само неколку метри од брегот граѓаните спокојно шетаа по кејот не знаејќи или не обрнувајќи внимание на опасната направа.


Надлежност за постапување во вакви ситуации има Дирекцијата за заштита и спасување. Стручни тимови на Дирекцијата треба безбедно да ја отстранат бомбата и да ја уништат на место специјално наменето за то.


На почетокот од 2010 година Дирекцијата за заштита и спасување спроведе акција за чистење на Охридското Езеро од неексплодирани убојни средства, во рамки на која беа извадени 3500 експлозивни направи и мини од периодот на Балканските и двете светски војни. Тие беа уништени на воениот полигон во Криволак.

OhridNews