Струга во наредните неколку дена ќе биде во центарот на светското поетско внимание. Со свеченост што ќе се одржи вечерва, официјално ќе биде отворено јубилејното 55 издание на Струшките вечери на поезијата.

-Во изминатите педесет и пет години на фестивалот учествувале околу 5.000 поети од сите континенти, кои своите поетски пораки ги испратиле од ова мало место, кое во овие денови станува една планетарна точка во културата, поезијата, хуманоста. – изјави Славе Ѓорго Димоски, претседател на УО на СВП.

Свеченото отворање на Струшките вечери на поезијата, годинава ќе мине без добитникот на наградата „Златен венец“, канадската поетеса, книжевна критичарка, романсиерка и есеистка Маргарет Атвуд. Како што објасни раководството на фестивалот, поради обврски на Универзитетот во Бостон како предавач, лауреатот подоцна ќе се приклучи на најголемиот светски собир посветен на поезијата.

– Таа доаѓа со два дена задоцнување, но до 1 септември, до кога останува во Македонија, верувам дека ќе имаме доволно време за да ги претставиме и културните и природните убавини на нашата земја.– изјави Мите Стефоски, директор на СВП.

Како што истакна директорот на фестивалот, задачата на Струшките вечери на поезијата, е придобивање нова публика, не само во рамките на фестивалот, туку и во целокупното живеење.

-Имаме една нова генерација читатели кои навистна ќе може да уживаат во она што Струшките вечери како издавачка дејност го имаат и го пренесуваат како врвни дострели од светската книжевност во превод на македонски јазик. Но истовремено и превод на македонската поезија на други јазици. Струшките вечери на поезијата треба да ја имаат меѓународната улиога како креатори на културните политики во областа на поезијата. Тоа не е некоја претенциозна изјава бидејќи местотот во светската книжевна јавност го има не само заради тоа што е најстар поетски фестивал, туку и дека е еден од најзначајните што извршиле влијание токму во тие времиња кога била отежната комуникацијата меѓу истекот и западот кога токму Струга беше седиште за градење на тие мостови на луѓето, кога луѓето од зад железната завеса од истокот и западот единствено тука во поетска Струга можеле да се сретнат и да го презнетираат своето творештво. – истакна Стефоски.

Модерното време, додаде тој, наметнува и нови барања, па затоа ние се обидуваме да направиме фестивалот да биде поатрактивен, да работиме за вистинска деметрополизација на културата во согласност со глобалните настојувања.

-Промовиравме еден концепт содржините да бидат поатрактивни, но и да внесеме содржини кои ќе бидат атрактивни за публиката. Затоа ја воведовме содржината „Поетско кафе“. Надрагдени се и проектите од претходните години, како „Кругови“, во која се чита поезија на истекот на реката Црн Дрим. – рече директорот на СВП Мите Стефоски.

Фестивалот четврта година по ред ќе мине без присуство на градоначалникот на општина Струга и претставници на локалната самоуправа, која и натаму ги бојкотира СВП поради несогласувањата околу неупотребата на албанскиот јазик како официјален на манифестацијата. Раководството на фестивалот смета дека не постојат рационални причини за таквото однесување и дека градот наместо да работи на развој и промоција на манифестацијата, истата ја загрозува. 

-Да зборуваме за вистинските проблеми, зошто кејот не е поправен, зошто безбедноста на публикатa евентуално ќе биде загрозена, зошто не е поправена другата страна на кејот каде што огромнит локни коишто се таму не се добра слика за нашите странски гостсти, зошто градот не може да изнајде начин соработката да биде во смисла на поддршка и развој на подготовка на нови сцени, како да развиеме културен туризам. – истакна Стефоски. 

Триесет и двајца поети од 30 земји ќе учествуваат на 55. јубилејно издание на Струшките вечери на поезијата што од денеска до 28 август се одржува во Струга. Поетски читања ќе има и во Ресен, Битола и Охрид, а ќе заврши во понеделник со поетско матине на Матка и Меѓународен поетски митинг на Камениот мост во Скопје. На традиционалната манифестација „Мостови“ ќе биде врачено признанието „Златен венец“ на годинашниот лауреат канадската поетеса Маргарет Атвуд. По повод јубилејот 55 години СВП, „Вечерта посветена на современата македонска поезија“ ќе биде посветена на сите досегашни добитници на наградата „Браќа Миладиновци“.

OhridNews