” Локалната самоуправа од Охрид отсекогаш го поддржувала овој културен настан, но не гледаме колку ние го поддржуваме, туку колку тој нас не поддржува” рече денеска на прес-конференција, градоначалникот Александар Петрески. Тој додаде дека “Поетската ноќ во Велестово” се одржува по 20-ти пат благодарение на ентизијазмот на иницијаторот Славе Ѓорѓо Димоски.
Манифестацијата ќе започне на 15 август во 22 часот кога портрет за Славе Ѓорѓо Димоски ќе одржи Кристина Николовска, а стихови ќе читаат Кирил Ристоски, Влатко Илиевски, Трајанка Илиевска – Таци, Викторија Степановска и Маја Андоновска. Годинава ќе биде отворена и изложба на тема “Александар Македонски” од авторите Сергеј Андреевски и Дик Робертс.
На 16-ти август во 11 часот, свечено ќе биде пуштен во употреба Домот на културата во Велестово што комплетно го санираше Локалната, а напладне е закажан поетски митинг. Во 13 часот е предвидена промоција на монографиите “Црквата Успение на пресвета Богородица” и “20 години Поетска ноќ во Велестово”.
Јубилејната “Поетска ноќ” ќе биде заоружена со претставата “Вака, вака и вака…итн. и др. и сл. ” според текст од Петре М. Андереевски што ќе ја играат студентите од Факултетот за драмска уметност во класата на професорот Владо Цветановски и доцент Мими Таневска.