ЈП “Охридски Комуналец“ ќе продаде четири дуќани, кои се во негова сопственост за да купи четири возила за транспорт и собирање на отпад. Ова е предлог одлуката  на Управниот одбор на препријатието, за која зелено светло дадоа и советниците на Општина Охрид, на вчерашната седница на Советот. Според првичните најави, почетната цена на метар квадратен на овие дуќани, ќе се движи од 1250 до 1750 евра, а ќе зависи од атрактивноста на локалот.

-Три од  дуќаните кои ќе се продаваат се наоѓаат во Градскиот пазар, а  еден е со простории во градскиот трговски центар. Отуѓувањето на локалите ќе се врши на јавно наддавање чиј датум дополнително ќе биде утврден. -изјави Сашо Алче, директор на ЈП “Охридски Комуналец“.

Во делот на расправата околу Предлог одлуката за набавување на специјални возила на ова јавно претпријатие, дел од советниците на десеттата седница на Советот, реагираа на членот во одлуката, според кој, возилата што ќе се набават може да бидат нови или користени. Тие нагласуваа дека поголем ефект ќе се постигне доколку возниот парк, се обнови исклучиво со купување на нови возила. Но од управата на “Охридски Комуналец“ објаснија дека и купувањето на половни возила има добар ефект.

Тоа што во предлог одлуката пишува дека ќе се купат нови или половни возила не значи дека сите возила што ќе ги купиме ќе бидат половни. Ставката “половни” во предлогот, е ставена со цел  ако се јави некоја поволна понуда, на користено возило, купувањето на истото да биде оправдано. Досегашното искуство со набавка на возила, покажало дека и купувањето на половно возило може да биде исплатливо, доколку тоа има современи перформанси-објасни директорот Алче, за време на расправата на десеттата седница.

Тој нагласи дека и да има добра понуда за одредено половно возило, пред да се донесе одлуката за набавување на истото, неговиот квалитет, мора да го испита посебна комисија, овластена од  ЈП “Охридски Комуналец“.

Е.Е.