Со воени почести и плотуни на единицата на Гардата на Војската на Србија денеска во „Куќата на цвеќето“ во Белград погребана е вдовицата на претседателот на Југославија, Јосип Броз Тито, Јованка Броз, потполковник на ЈНА и носител на Партизански споменица, пренесува „Макфакс“.
Ковчегот со телото на Јованка Броз беше спуштен во гробот со звуците од песната „Бела чао“ што била нејзина последна желба. Таа е погребана покрај гробот на Тито, а на плочата од бел мермер, со златни букви , идентични со оние испишани на плочата на Тито е напишано, „Јованка Броз 1924-2013“. Според проценките на полицијата, на погребот присуствувале околу 10.000 луѓе.
Покрај претставниците на државниот врв, на погребот присуствуваа и членови на дипломатскиот кор и странски делегации, а покрај премиерот Ивица Дачиќ проштални говори имаа и внукот на Јованка Броз, Горан Алексиќ и претседателот на СУБНОР, Миодраг Зечевиќ.
Дачиќ во својот говор рече дека таа била прва дама, гордост и претставник на државата. „Пред смртта никој не ја споменуваше иако беше прва дама, институција и важен дел од нашата историја, која како и нејзе брзо ја отфрливме и ја заборавивме“ рече Дачиќ.
„Време е да признаеме дека направивме грев, и кон Јованка Броз и кон сопствената историја. Неправдата почна да се исправа дури на крајот на нејзиниот живот, кога и доделив пасош и лична карта пред неколку години и рече дека не планира никаде да патува“, истакна премиерот на Србија, Ивица Дачиќ во својот говор.
Тој потсети дека на погребот на Јованка не присуствува ни еден претставник од властите на другите држави кои беа членки на поранешна Југославија.
„Ова е заминување на последната икона на поранешна Југославија. Почивај во мир покрај човекот на кого му го посвети животот и од кого на сила и неправедно беше разделена. Се простуваме со Јованка Броз, офицер на ЈНА, сопруга на претседателот Јосип Броз Тито“ рече Дачиќ.
„Во младоста и староста, и кога имаше и кога немаше ја красеа гордост, почит и достоинство“ рече Горан Алексиќ, претставник на семејството на Јованка Броз.
Јованка Броз почина во неделата на 20 октомври во Белград, на 89-годишна возраст. Примена беше во Ургентниот центар на 23 август во многу тешка состојба.
OhridNews
извор:„Макфакс“