КУД „Дримкол“ од Вевчани 2014 година ја заокружува со активност на патувачкиот театар „Поклони се и падни“, кој утре, ќе ја реализира премиерата на театарската претстава за деца и млади „Јованче и Марика“ во режија на Душко Кукоски.

Во претставата играат: Славе Бебекоски, Давор Бетоски, Ева Костојчиноска, Зорица Мурџеска, Наташа Ташкова и Стефан Попаѓиноски. Афтор на музиката е Перо Пешиноски, а техничката екипа која работи на претставата ја сочинуваат: Кирил Бебекоски, Ристе Костојчиноски, Томче Шутиноски.

-Особено ми е драго што во оваа претстава главните ликови Јованче и Марика ги толкуваат млади деца од Вевчани на возраст од 10 години кои покажаа голем талент и сериозност во работата, а тоа значи дека Патувачкиот театар „Поклони се и падни“ добива и подмладок во актерската екипа. Целта на оваа претстава е да се задоволи најмладата публика во Вевчани, но верувам дека и младите и возрасните подеднакво ќе уживаат. Претставата изобилува со многу музика, игра, динамични сцени и праќа една сериозна порака за љубовта и почитта помеѓу најверните другари во животот-братче и сестриче, вели режисерот на претставата Душко Кукоски.

Инаку, Кукоски е долгогодишен член на КУД „Дримкол“ и активно учествува во работата на фолклорниот ансамбал, а јасно забележливи се и неговите актерски остварувања во многу досегашни театарски проекти на Патувачкиот театар. Ова е негово второ режисерско дело кое доаѓа по претставата „Црвенкапа и збунетиот волк“.

OhridNews