Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеноски кој е добар познавач на кривично-правната материја во Македонија смета дека вчершаната одлука на Основниот суд Скопје 1 со која се забрани користењето на прислушуваните материјали од таканаречените „бомби“ како докази во истражната постапка е спротивна на одредбите од Законот за кривична постапка, бидејќи истата поаѓа само од формалната страна.
-Дали доказите кои што ги предложил подносителот на пријавата се обезбедени на начин како што го предвидува Законот за кривичната постапка, тоа е неспорно затоа што овие докази се добиени со незаконско прислушување и единствен орган кој што може да утврди кој и како вршел прислушување тоа е Јавниот обвинител. Наместо Јавниот обвинител да се впушти во суштината на проблемот, да утврдува кој и како ги прислушувал, тој поаѓа само од формалната страна. Меѓутоа сматам дека ваквата одлука нема никакво влијание на Специјалниот јавен обвинител, изјави Трпеноски денеска во Охрид.
Според него ваквата одлука е спротивна и на договореното во договорот од Пржино.
-Не би можело да се осуети она кое што е договорено и потпишано од сите учесници во договарањето и сметам дека некој од учесниците односно авторитетите од европската заедница нема тоа да го дозволат. Со други зборови ваквата одлука на судот воопшто нема да има никакво влијание на понатамошното процедурално постапување на Специјалниот јавен обвинител, рече Трпеноски.
Тој истакна дека целата македонска јавност знае за каква сериозна работа станува збор во прислушуваните материјали и не може да се негира една состојба каде што очигледно станува збор за казниви дела извршени од луѓе кои што се на одговорни функции во државата.
OhridNews