Својот квалитет и богат реперторар еден од четирите интернационалци во охридскиот ракометен состав, Јосип Кезиќ го покажа на турнирот во Прилеп каде „гладијаторите“ триумфираа, а тој ја понесе награда најдобар играч.


Хрватскиот интернационалец за нецел месец без никаков проблем се адиптираше во екипата и градот Охрид за која има пофални зборови.

– Слушав многу добри работи за Охрид и вистина сето тоа било точно. Климата, условите и топлина се врв на овој град кој веднаш ми даде силна волја за тренирање, а подоцна и за играње. За брзото привикнување во екипата пред се сакам да им се заблагодарам на тренерот и играчите кои беспрекорно ме примија мене и новите соиграчи. Заедно имаме големи планови, но чекор по чекор. – рече Кезиќ.


Четирите победи во исто толку натпревари во подготвителниот период ја зголемува самодовербата и мотивацијата кај Кезиќ и играчите.

– Одигравме навистина добри натпревари и можам слободно да кажам дека наликуваа на првенствени. На сите ни се тешки нозете, подготовките се најважната алка во ланецот кон успехот, нема предавање одиме со исто темпо и во останатите мечеви, а подоцна и на мечевите за бодови. – додаде хрватскиот интернационалец.

До почетокот на суперлигашките предизвици остануваат нецели три недели, а Кезиќ ја повикува охридската публика да биде осми играч во една од најквалитетните сезони во македонскиот шампионат.

Михаил Постоловски