Ракометарите на Охрид на најдобар можен начин со триумф над Радовиш ја заокружија првата полусезона во Супер лигата. Охрид со скор од седум победи, едно реми и еден пораз прв ја мина целта и само чудо може да го одвлече од местата кои водат во плејофот.


– Одигравме колку што ни беше доволно за победа. Многу е важно што никој не се повреди, сите останавме здрави бидејќи не очекуваат уште два меча на домашен терен кои сакаме да ги добиеме. Нашата екипа не случајно се наоѓа на врвот од табелата. Во текот на првата полусезона покажавме квалитет и карактер кога беше најпотребно. Овој успех сигурно ќе биде мотив повеќе за продолжението од сезоната каде не очекуваат уште предизвици. – изјави Јосип Кежиќ.


Задоволството од новиот историски подвиг на охридскиот ракометен клуб не го криеше стратегот Горан Андоновски.

– Сезонава направивме чекор напред од минатата кога завршивме на втората позиција. Никој не го очекуваше ова од нас што го правиме, но се испостави дека со добра и макотрпна работа резултатите се неизбежни во спортот. Овој меч со Радовиш и следниот со Работнички се само најава за спектаклот кој ќе следува во петок кога ќе се сретниме со тимот на Еурофарм Работник. – рече Андоновски.


Честитки до охридскиот состав упати гостинскиот стратег Љупчо Мијалов. Радовиш едноставно немаше сила за изненадување во „Билјанини Извори“.

– Домаќинот сосема заслужено ги освои бодовите. Нивната желба за победа беше голема, ние поведовме само еднаш на почетокот од натпреварот и тоа ја покажува нашата инфериорност. Продолжуваме да се бориме и да се надеваме на пласман во плејофот од Супер лигата. – истакна Мијалов.

Охрид есенски шампион во Супер лигата !

Мх.П.