Сопственикот на Металург, Минчо Јорданов, по сите случувања во клубот изминативе денови, во интервју за Канал 5 нагласи дека македонскиот шампион доживеал класичен пуч од два-тројца ракометари предводници, но Металург ќе продолжи и натаму да се натпреварува со комбиниран тим и со ракометари од младинските категории и во Лигата на шампионите и во СЕХА.

Јорданов нагласи дека Металург продолжува со натпреварувањата на сите полиња искажувајќи целосна поддршка за тренерот Лино Червар кој и натаму ќе го предводи тимот.

„Базата на Металург е многу длабока, и тој е огромен спортски концепт кој го разработивме сите овие години и од кој сигурно нема да се откажеме. Нашиот план е долгорочен и дефинитивно може да кажам дека Металург и натаму ќе продолжи да постои и да ја гради иднината на македонскиот ракомет. Металург дава 80% од кадетската и јуниорската селекција, имаме и млади сениори па затоа клубот и натаму ќе продолжи да се натпреварува и во ЛШ и во СЕХА со тим од младите кои се во сениорските тим и со играчи од нашите млади категории“ – истакна Јорданов, притоа околу чинот на откажувањето на ракометарите да патуваат за Загреб и потпишаното соопштение со став:

„Се работи за еден класичен пуч. Тажен ден не само за Металург, но за македонскиот ракомет и за македонскиот спорт воопшто. Од соопштението на ракометарите се гледа дека се напаѓа еден концепт за изградба на македонски играчи. Се напаѓа неосновано тренер кој донел огромни успеси на клубот со четири шампионски титули и тим кој и пркоси на Европа. Да се нападне клубот, политиката на истиот и еден таков тренер кој создал голем број играчи не само во Македонија но и во Европа е голем срам. Тоа е еден егоистичен напад на два-тројца ракометари од неразбирливи причини кои со ништо не се загрозени“ – рече сопственикот на клубот.

„Ова е навистина трагично да се напаѓа клуб во кој се вложуваат огромни финансиски средства, кој создава нови генерации млад потенцијал и сето тоа да се нападне од само неколку ракометари кои за жал сакаат да бидат управувачи и раководители на тимот, да менуваат тренери како што беше тоа и во репрезентацијата. Но, ние нема да го дозволиме тоа“ – дополни Јорданов.

Дали лично Јорданов и Металург како клуб чувствуваат некаква одговорност доколку репрезентативците кои сега се суспендирани не бидат подготвени за репрезентативните обврски и СП во Катар?

„Ракометната федерација со право е загрижена околу сето ова, и мислам дека ќе добиеме поддршка и од федерацијата затоа што и тие претходно имаа вакви ’немири’ во селекцијата, и затоа што ова е концепт за иднината на македонскиот ракомет. Ние не чувствуваме одговорност околу идниот статус на репрезентативците. Ние имавме разговори со нив сиот овој период и пред да го направат овој пуч, и тие мораа да бидат свесни за последиците од еден ваков чин. Одговорноста е само кај два-тројца ракометари кои повлекоа еден ваков срамен чекор“ – рече Минчо Јорданов во разговорот за телевизијата Канал 5.

„Макфакс“