На угледниот бизнисмен и познат мецена, Минчо Јорданов, денеска во спомен куќата на Прличев му беше предадено признанието за  почесен граѓанин на Охрид, што му го додели општината за посебни заслуги во афирмацијата на  Охрид во светот. Минчо Јорданов во 1998 година со сопствени средства ја донираше изградбата на куќата на Прличев, со што придонесе Охрид соодветно да му се оддолжи на големиот поет и преродбеник, велат од општината.


Јорданов изјави дека е почестен и горд  што е почесен граѓанин на Охрид. „Иницијативата за возобновување на домот на Григор Прличев беше на градоначалникот на Охрид и на граѓаните, а Прличев е еден од светлите македонски ликови кои и во тоа време и денеска ни даваат патоказ, како и што треба да направи секој за својата татковина, така што личното задоволство и гордоста од добиеното признание се уште поголеми, затоа што се работи за Македонец чии ставови и маки од тоа време се и денес актуелни“, изјави Јорданов.



На свеченоста што се одржа по повод 116 годишнината од смртта на Прличев, градоначалникот Александар Петрески на Минчо Јорданов му даде клуч од Охрид, со што тој и официјално стана негов почесен граѓанин.

Ohridnews