Стручното жири на “Биеналето на нациите – Венеција Арт Експо“, дизајниран настан што инволвира современо сликарство, скулптура, графика, видеоарт и керамичка уметност, што се одржa во престижната палата “Scuola Grande di Santa Maria della Misericordia” од 16-19 март оваа година, го награди со признание за квалитет македонскиот сликар Јордан Манасијески.

Оваа е една од позначајните награди кои го потврдуваат квалитетот и високите дострели во уметноста, а кои го отсликуваат високото ниво на сликарството на Манасијески. 

Селекцијата на “Биеналето на нациите” во Венеција, кое има за цел да се направи еден пресек на тенденциите и тековите на современата уметност, ја направија кураторите Франческо Саверио Руссо, Сандро Серадифалко и Салваторе Руссо а поддржани од жири комисијата – уметничките критичари Марко Ребуци (Диоцезан Музеј Мантова), Ангело Креспи (критичар и публицист” IL Giornale OFF”) и проф. Лука Беатриче (поранешен куратор на Италијанскиот павилјон на 53 то Венецијанското Арт Биенале). Стручното жири, пак, селектира 20 од вкупно 170 уметници, кои ги награди со Награда за квалитет “REPORTING QUALITY JURY PRIZE”, односно стил кој е тенденција за новите текови во уметноста. Меѓу кои и македонскиот сликар Јордан Манасијески.

Љубителите на уметноста во Охрид, ќе имаат извонредна можност да уживаат во делото “Очекување” од сликарот Јордан Манасијески, наградената слика на годинешната Интернационална изложба „Биенале на нациите“ во Венеција, која ќе биде изложена наредните две недели во галеријата „Букефал“ во охридската чаршија. 

OhridNews