Македонската фудбалска репрезентација по три дена работа се комплетира во Охрид, па во последните неколку дена Јонуз на располагање ќе ги има сите 23 фудбалери што ги повика за гостувањата во Шкотска и во Норвешка. Македонија е на второто место во квалификациската група за СП 2010 и има историска шанса, ако остане втора, можеби да влезе во баражот за пласман на СП. Дуелот со Шкотска е в сабота, а на 9 септември играме со Норвешка.

Во текот на овие два-три дена ја искористив шансата да поразговарам со репрезентативците, за тоа што не’ очекува. Најважно е да ја подготвиме нашата игра која се надевам ќе вроди со плод. Се’ додека има шанси да се направи нешто, ние ќе се надеваме. Знаеме дека ќе биде тешко на гостувањето во Глазгов, но од атмосферата и од она што го гледам на лицата на фудбалерите, го чувствувам нивниот мотив како и големата самодоверба во пресрет на овие важни натпревари – истакна селекторот Мирсад Јонуз.

Јонуз нема да менува ништо во формацијата која ни донесе четири бода во јунскиот двомеч со Норвешка и Исланд, како и водството од 2-0 против Шпанија. Мудар игра со ладни глави ќе бара селекторот, кој смета дека оваа генерација е кадарна да не одведе чекор поблиску до Јужна Африка.

фото:Емилио

М.П.