Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Мирсад Јонуз, истакна оти подготовките за претстојните квалификациски средби со Андора и Русија (8 и 12 Септември ) течат според планот. Тој најави атак на максимален број бодови за подобрување на позицијата на Македонија во квалификациската група во која играат уште и Словачка, Ерменија и Р. Ирска.
–
Нам ни е битно, според овој процес што го започнавме во овој квалификациски циклус и кој знаевме дека ќе биде тежок и со многу предизвици, на крајот на квалификациите да потврдиме дека имаме квалитет да го избегнеме вечното четврто место и да го направиме посакуваниот исчекор кон врвот на табелата.Тоа значи дека на наредните средби со Андора и Русија кои се последни во оваа година мора да одиграме максимално ангажирано и на освојување на 6 бода. Разговараме со репрезентативците и сите заедно мораме да веруваме во нашите можности и да се потврдиме кога е најтешко – истакна Јонуз.
Селекторот смета дека првиот натпревар против Андора е натпревар кој мора да се добие за без психолошки товар да се дочека дуелот со Русија, противник кој има две тешки гостувања, факт кој мораме да го искористиме.
На списокот за овие две средби повикани се 23 фудбалери, експедицијата од Македонија за Барселона заминува в недела на 3. Октомври . Репрезентативците ќе допатуваат директно во престолнината на Каталонија и по комплетирањето в понеделник се заминува за Ла Вела, Андора.
OhridNews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com