Пласманот на ЕП е предизвик. Не се плашам, одговорноста е моја. Ќе сметам дека сум ист како и моите претходници, ако не направиме исчекор. Пласманот на 4. место и во овие квалификации ќе биде неуспех – вели Мирсад Јонуз, селекторот на македонската фудбалска репрезентација.
Оптимизмот македонскиот селектор го темели на резултатите и играта што ги демонстрираа неговите избраници во изминатите „пробни“ шест месеци. Јонуз на кормилото на најдобрата селекција во мај го наследи Словенецот Сречко Катанец и ги доврши квалификациите за СП 2010, во кои на четири средби забележа победа и реми, со Исланд (2-0) и Норвешка (0-0) и два пораза, од Шкотска (0-2) и Норвешка (1-2) и пропадна големата шанса за исчекор. На тест-средбите двапати победи, Катар (2-1) и Канада (3-0), ремизираше со Иран (1-1) и беше поразен од актуелниот европски првак Шпанија (2-3).
–
Квалификациите за мене почнаа со потпишувањето на двегодишниот договор на 20 ноември изминатата година. Игрите и резултатите ми дават за право да верувам дека сме кадарни да направиме исчекор. Пробавме некои нови играчи, во наредниот период до стартот шанса ќе им дадам и на некои „заборавени“, кои со игрите повторно се наметнуваат да си обезбедат место во тимот од 22-25 кандидати со кои ќе тргнеме во квалификациите – открива Јонуз.
Според пресметките на селекторот, Македонија за да биде во трката за баражот потребно е да освои 12 бодови од дуелите со Андора и Ерменија и да се надмудрува со Словачка и Р. Ирска.
Извор “Дневник“
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com