Непробојниот бедем пред голот на македонскиот ракометен првак Металург, Ацо Јоновски и Велко Маркоски ја продолжи верноста со тимот од Автокоманда на нови две години.

Новиот договор со Металург струшкиот ракометен двоец го парафираше во хотелот Бетон во Охрид, каде што моментно се одржува ракометниот камп на Металург за деца.

– Ова е само продолжување на нашата успешна ракометна приказна. Со задржувањето на двоецот Јоновски-Маркоски само ги потврдуваме високите амбиции на екипата – изјави Левче Китевски, директорот на Металург.

Од новиот договор, кој во Металург ќе го задржи до јуни 2016 година е задоволен Јоновски.

– Моите амбиции се совпаѓаат со амбициите на клубот и веднаш најдовме заеднички јазик околу новиот договор. Не` очекува доста тешка сезона за да ги повториме и подобриме резултати остварени минатата – рече Јоновски.

На најдобар можен начин со нов договор Маркоски ја заокружи историската сезона во македонскиот ракомет.

– Чекавме да спласне репрезентативната еуфорија и да потпишиме нови договори. Тоа што го направивме во изминативе четири години не се мери со ништо, но јас и остатокот од екипата сакаме тоа да го наградиме – потенцира Маркоски.

По официјализирањето на договорот Јоновски и Маркоски се дружеа и се фотографираа со децата кои се дел од ракометниот камп на Металург во Охрид.

Мх.П.