Доајенот на македонското глумиште, Јоана Поповска, синоќа имаше исклучителен настап на сцената во Центарот за култура во Охрид. Поповска ја изведе монодрамата „Љубов моја“  во режија на Љупчо Ѓоргиевски, во која се испреплетени ликовите од пиесите “Столови“, “Трите високи жени“, “Пиреј“ и “Свадбата на Мара“, кои зборуваат за својата љубов кон мажот, љубовта кон децата и љубовта кон сите луѓе.


Низ оваа монодрама, Јоана Поповска ни пренесе една топла емотивна женска приказна, проткаена со силни пораки кои задираат длабоко во човечката душа. Изведбата никого не остави рамнодушен, актерката цело време на суптилен начин комуницираше со публиката која на крајот од претставата ја награди со долготраен аплауз и овации.

-Ми кажуваа дека охридската публика многу ме сака, а вечерва се уверив во тоа, изјави по претставата Јоана Поповска, која во својата преку четириесет годишна кариера има одиграно повеќе од 300 ролји од светската, европската и домашната драматургија и е добитник на најпрестижните награди од областа на театарот.

Вистинска привилегија беше да се биде синоќа меѓу малубројната публика, која имаше ретка можност да ужива во извонредна актерска изведба. Сите кои ја пропуштија монодрамата на Јоана Поповска, според најавите на Градскиот театар од Охрид, ќе имаат можност да ја проследат во наредниот период.

OhridNews