Синоќа култниот охридски бар „Jazz Inn“ го прослави својот 24-ти роденден. За многумина мистика, место за забава, дом кој сите овие години на едно место ги сплотува низа генерации.

Свртилиште на многумина актери, музичари, режисери и познати личности кои некогаш навратиле во Охрид, сведок на различни „збиднувања“ кои овие 24 години го прават „Џез-ин“ автентичен.

Џез-ин е еден од најстарите локали во градов кој со својата програма, музика и стил на работење е сосема различен од останатите. За некои претставува место за забава, за некои место за коктели, место за пиење, но за мене претставува дом во кој секој е добредојден. Клубот постои 24 години, а тоа значи дека поминале доста генерации и сите успеале да го доживеат вистинскиот дух на овој клуб, само затоа што никогаш не сме го сменале стилот на работење. Многу е тешко особено џез музиката да опстои во еден клуб, но мислам дека истрајноста и трпението не донеле до ова „дереџе“. Сакам да им се заблагодарам на охриѓани и на сите луѓе од цела Македонија кои одвоија малку време и дојдода на вчерашниот роденден, а на мое лично изненадување беа во огромен број.“ – вели Иво Христовски.

Охриѓани велат, нема посетител кој не ја дочекал зората токму таму.

Свратилиште на сите познати фаци што дошле во Охрид посебно оние од уметничкиот ков, нема актер и музичар кој не ја дочекал зората токму таму…најчест гостин бев летото 1994 кога на репертоарот на Охридско лето беше поставена за прв пат претставата ,,Дон Жуан“. Режисер беше за прв пат неприкосновениот актер Ненад Стојаноски, а во главниоте улоги играа Сенко Велинов, Драган Спасов-Дац, Тони Михајлоски, Ана Костоска, Ѕвездана Ангелоска и други. Јас и неколку мои колеги од аматерскиот охридски театар бевме вклучени во претставата како статисти, пробите беа во вечерните часови и после секоја проба се знаеше процедурално Џезз-ин дур сонце светло не изгрејт над Петрино … ех убај времиња … ама духот на убавото и ден денес е таму меѓу камените ѕидови кои кријат безброј приказни.“ – вели Анета Вршкоска- Јованоска.

На роденденот присуствуваа голем број охриѓани, почитувачи на клубот, кој во изминатите дваесет и четири години континуирано придонесува за афирмирање на џез културата, не само на локално ниво, туку и во пошироки државни рамки.

Приказна стара 24 години којашто се уште живее. Џез Ин уште од 1989-та година непрекинато ја шири џез културата на овие простори и претставува прв клуб од ваков вид во Македонија, и еден од ретките на Балканот со ваква традиција. Низ годините назад бројни реномирани музички имиња токму овде ги имале своите први настапи, музичари како Тони Китановски, Васил Хаџиманов, Оливер Јосифовски, Сашо Поповски, “Летечки Пекинезери” и други.“  – вели Филип Ангеличин Жура.

Среќен роденден Џез-ин!

O.T.