Во Издание на ПМВ Публикации од Скопје излезе од печат поетската книга „Јазичен триптихон“ од современиот македонски поет Славе Ѓорѓо Димоски. Оваа е негова единаестета авторска книга, а претходната „Мерач на зборовите“ беше објавена пред осум години (2007 г.). Во меѓувреме се појавија два пообемни избори од неговата поезија, целокупната негова поезија под наслов „Поезија/ ткаења“ и 12 книги на други јазици.
Во книгата поместени се пет подолги лирско-епски песни, од кои три го сочинуват „Јазичниот триптихон“ и две делот Додаток. Предмет на пеење е јазикот како прапочеток на сè, а посебно поетскиот јазик како највисок израз на човечкиот цивилизациски дух. Во Додаток се појавуваат ликовите на Каин, првиот библиски братоубиец и на Александар, но симнат од историската сцена.
Во книгата се поместени и три искажувања од Венко Андоновски, Санде Стојчевски и Наташа Аврамовска.
Други поетски книги на Славе Ѓорѓо Димоски се: Гравири, Проект, Студен порив, Последните ракописи, Спореден пат, Предмети и аргументи, Форми на страста, Темно место, Мерач на зборовите, Хаику на разгледници.
OhridNews