Јавното обвинителство ќе истражува дали снимки обезбедени со посебни истражни мерки протекле во јавност.

-По однос на објавените снимки и други материјали за кои се коментира дека наводно потекнуваат од примена на посебни истражни мерки, јавното обвинителство известува дека се издадени наредби до надлежни органи за преземање мерки и дејствија со цел да се извршат проверки за да се соберат известувања за тоа кој, кога и на кој начин ги објавил материјалите, нивното потекло, како и сите други правно релевантни податоци. – соопшти Јавното обвинителство.

Евентуалното објавување на видео материјали и снимки обезбедени со посебни истражни мерки претставува кривично дело, за кое е предвидена казна затвор. Неодамна во јавноста се појавија видео снимки на лице осудено на казна затвор за нелегално финансирање на изборна кампања, за кои се отвори дилема дека можеби се обезбедени со посебни истражни мерки, а кои беа поставени на интернет каналот „You tube“. 

Јавното обвинителство, исто така, соопшти дека кривичните пријави поднесени од СДСМ, Зоран Заев, Радмила Шеќеринска, Стево Пендаровски, Оливер Спасовски, Тито Петковски и Андреј Жерновски, се земени во работа. 

-Повикани подносителите на кривичните пријави, дел од нив се сослушани пред јавниот обвинител и во тек е преземањето и на други дејствија со цел да соберат известувања и релевантни докази за одлучување по кривичните пријави.– стои во соопштението на Јавното обвинителство.

OhridNews