Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе Обвинителен акт против осомничените лица во случајот „Пуч“. Обвинителниот акт беше објавен денеска на официјалната веб страна на обвинителството.

„По спроведување на сеопфатна истражна постапка, разгледување и анализа на сите прибрани докази и факти во предметот „Пуч“, надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во Основниот суд Скопје 1 – Скопје поднесе Обвинителен акт против осомничените.

Првообвинетиот З.В. се терети за едно продолжено кривично дело Неовластено прислушкување и тонско снимање од чл.151 ст.4 в.в. со ст.1 а во врска со чл.23 и чл.45, Шпионажа од чл.316 ст.4 и Насилство спрема претставници на највисоките државни органи од чл.311 в.в со чл.24 од Кривичниот законик.
Второобвинетиот Ѓ.Л. е обвинет за едно продолжено кривично дело Неовластено прислушкување и тонско снимање од чл.151 ст.4 в.в. со ст.1 а во врска со чл.23 и чл.45 и кривично дело Шпионажа од чл.316 ст.4 в.в. со чл.24 од Кривичниот законик.

Третообвинетата С.В. за кривично дело Шпионажа од чл.316 ст.4 в.в. со чл.24 од Кривичниот законик, додека четвртообвинетиот З.З. за кривично дело Насилство спрема претставници на највисоките државни органи од чл.311 в.в чл.19 од Кривичниот законик и петтообвинетиот Б.П. за кривично дело Насилство спрема претставници на највисоките државни органи од чл.311 в.в чл.24 од Кривичниот законик.

Во исто време, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот суд Скопје 1- Скопје поднесе и Предлог за продолжување на мерката -Притвор.“ – стои во соопштението.

Oд опозциската СДСМ сметаат дека одлуката брзо да се донесе обвинителен акт доаѓа директно од Никола Груевски и Сашо Мијалков, кои, како што велат од партијата, се фатени во рушење на уставниот поредок и злодела врз граѓаните на Република Македонија. Оттаму уште очекуваат брзо да се донесе и пресуда против лидерот на опозицијата и другите лица кои се во притвор, оценуваат од СДСМ. 

„Вистината е само една и единствена и таа ќе исплива на површина порано или подоцна.“– се вели во писмена реакција на СДСМ.

Опозциската СДСМ на 17 мај во Скопје најави дека ќе одржи голем митинг, а во меѓувреме дека ќе обелодени најчувствителните прислушувани разговори.

OhridNews