На социјалните мрежи деновиве на големо се дебарира за сечењето на шума во Горица. Според дел од коментарите тоа е уште еден чин на уништување на природата. Има и спротиставени мислења, кои во главно се поврзани со очекувањата што  ќе се гради на локацијата и колку тоа ќе придонесе за развој на градот.

Нема туризам кога се уништува природата. – е еден од многуте коментари на темата.

Инаку пред неколку години под неразјаснети околности избувна пожар во шумата на оваа локација, а подоцна опожарените и уништени дрвја беа исечени со дозвола.

Од локалната самоуправа информираат дека земјиштето во Горица е продадено на инвеститор за изградба на хотел од ланецот „Small luxury hotels“, за што постои и соодветен план. Додаваат дека градежните зафати се одвиваат согласно издадените одобренија од надлежните институции и служби, појаснувајќи дека општината нема надлежност во случај да се преземаат активности надвор од зацртаната локација, бидејќи истата спаѓа во Националниот парк „Галичица“, кој издава дозволи и ја контролира сечата на територија на паркот.

Најавувајќи ја изградбата на хотел од брендот „Small luxury hotels“ во Горица, Градоначалникот Никола Бакрачески неодамна изјави дека тоа ќе биде прв хотел во Македонија од ваков тип, со што во голема мера ќе се подигне нивото на квалитет на услуги во хотелиерството во Охрид.

Тоа ќе поттикне и други потенцијални инвеститори кои имаат намера да инвестираат во хотелскиот бизнис во Охрид да дојдат и да градат овде. Имаме најави за уште два луксузни хотели, но преговорите се уште се на почеток и не би сакал уште сега да ги откривам нивните имиња,“ рече тогаш Бакрачески.

OhridNews изминатиот период истражуваше што на Охрид ќе му донесат најавените луксузни хотели. Туристичките работници сметаат дека хотелите од светски познати брендови кои во иднина евентуално би се изградиле на Охридското крајбрежје носат нова надеж за охридскиот туризам. Од друга страна поборниците за заштита на животната средина сметаат дека новите градби можат да ја нарушат сликата за недопрената природа, која е карактеристика на охридското крајбрежје. 

Странските туристички работници велат дека новите хотели од висока категорија, ќе ја освежат туристичката понуда во Охрид, додека хридските туристички експерти сметаат дека изградбата на луксузни хотели нема да пречи на останатите видови на сместување, затоа што тоа тие ќе привлекуваат различни видови на туристи. Според нив одговорот на прашањето-колку хотели од висока категорија му се потребни на Охрид, треба да се бара во делот на проценките на пазарот.

Упатените пак во заштитата на природата, велат дека развојот на туризмот во Охрид е приоритет, но истиот не треба да биде во фокусот само на економскиот профит туку и на долгорочното влијание врз природата, културното наследство, обичаите на охриѓани и социјалниот аспект.

Ако се изградат премногу хотели ќе се уништи природата, ќе се зголеми загадувањето со кое секако веќе имаме проблем и на крај постои можност хотелите да останат празни бидејќи туристите нема да доаѓаат во загаден и бетонизиран град. Можеби подобро е прво да се модернизираат и искористат постоечките објекти на крајбрежјето кои зјаат празни, а потоа ако има потреба со многу големо внимание врз природата и со запазување на највисоки стандарди да се градат нови, велат од невладиниот сектор.

Инаку според најавите брендот „Small luxury hotels“ ќе гради објект со површина од околу 7 илјади метри квадратни со 100 соби и со околу 200 легла.

OhridNews
фото:OhridSOS/Facebook