Снегот што почна да врне вчера ги активира службите на јавните претпријатија „Македонија пат“ и „Охридски комуналец“ во расчистувањето и одржувањето на проодноста на магистралните, регионалните и локалните патишта.

„Македонија пат “ од вчера попладне во повеќе наврати ги одржува  магистралните патишта Кичево-Охрид (М4) и Подмоље-Битола(М5), а доцна синоќа механизацијата го расчистуваше и регионалниот пат Охрид -Свети Наум.

„ Соодветно третирани се и булеварот „Туристичка“ и улицата „Железничка“ кои исто така се во наша надлежност“, ни изјави Лазо Ставрески, директор на секцијата на „Македонија пат“-Охрид. Ставрески објасни дека  претпријатието има исправна механизација и доволно посипен материјал и потсети дека на планинските превои, каде што е можна голомразица заради опаѓањето на температурите, покрај тешките моторни возила, и лесните задолжително треба да носат зимска опрема.

Во акција се впушти и „Охридски комуналец“. „ Нашите екипи за одржување на локалните улици во зимски услови се на терен. Вклучени се  големата машина за поголемите улици и една помала којашто ќе делува во потесните градски улички. Фрламе сол зашто ниските температури не ни дозволуваат да го расчистуваме снегот со ножеви“, информира директорот на Комуналец, Боро Павлоски.
Како што кажа Павлоски, посипени со сол се пофрекфентните улици меѓу кои Македонски Просветители, Димитар Влахов, Гоце Делчев, Јане Сандански, Питу Гули и 7 Ноември.

Претпријатието се справува со снегот во Охрид и населените места според зацртаната програма во која улиците се поделени во повеќе категории.„Бидејќи минатата  година не заврна снег, сол имаме за две зими“, заклучи Боро Павлоски.

Неносењето пропишана зимска опрема во моторните возила до 15 март 2009 година , покрај што ја загрозува  безбедноста на учесниците во сообраќајот, се казнува и со Закон.

Возилата треба да имаат зимски гуми или синџири за погонските тркала, додека автобусите и другите товарни возила задолжително треба да поседуваат уште и лопата и подметачи. МВР потсетува дека на возилата не смеат да се поставуваат пневматици со клинци.
Законската одредба за задолжително поседување зимска опрема важи до 15 март 2009 година.

Ohridnews