-Ова што се прави не е во ред. На плоштадот во лето луѓето едноставно не можат да се разминат од маси, тротоарите се непроодни, а ништо подобро не е ниту на кејот, коментира постар сограѓанин.
Дел од членовите во градскиот совет сметаат дека состојбите кои се провлекуваат со години се резултат на немоќта на надлежните органи задолжени за спроведување на одлуките што ги носи градското Собрание.
– Доколку се почитува Програмата за поставување урбана опрема што ја донесе Советот, Охрид нема повеќе да личи на панаѓур, а за тоа да биде така ќе треба да работат и инспекциските служби на локалната самоуправа и Пазарната инспекција и Управата за јавни приходи. Доколку тие не прогледуваат низ прсти на одредени луѓе тогаш Охрид ќе го добие вистинскиот сјај кој што го сакаме сите.-истакна советникот од ВМРО НП, Јоне Станкоски.
Раководителот на општинскиот инспекторат Танас Танасоски тврди дека инспекцијата редовно го контролира теренот и поднесува пријави против прекршителите, но поради неефикасноста на судот тие остануваат неказнети.
–Во изминатите 8 години колку што ја следам оваа проблематика казните за прекршителите кои ги изрекол судот се бројат на прсти иако инспекцијата и другите општински служби имаат поднесено преку 100 пријави. Доколку судот не профункционира не знам како ќе се справиме со овој проблем. – вели Танасоски.
Општинскиот инспекторат се соочува и со силен отпор од угостителите. Дел од нив одземената опрема ја заменуваат со нова и повторно ги узурпираат јавните површини, а други пак се пресметуваат со комуналните инспектори.
-При интервенција во чаршијата во 6 часот наутро општинските инспектори се соочија со отпор од дваесетина лица кои вооружени со беjзбол палки го спречија подигањето на урбаната опрема за што имаше уредно решение.-објаснува градоначалникот Александар Петрески. Тој бара општинската инспекција во такви случаи да побара полициска асистенција или да ангажира служба за обезбедување со цел да се спроведат решенијата за одземање на незаконски поставената урбана опрема.
Петрески најави дека општината повеќе нема да толерира поставување на урбана опрема надвор од зоните одредени со Програмата што ја донесе советот, но на терен и натаму владее самоволие на поединци кои дебело профитираат од узурпацијата на јавните површини.