Стручни лица треба да ги утврдат точните граници на остатокот од Студенчишко блато, со цел истото да се ревитализира и заштити, додека намената на другата површина од урбаната заедница 17.1, во која спаѓа и блатото, ќе се планира со Детален урбанистички план, кој треба да биде донесен во иднина. Ова, меѓу другото, беше истакнато од страна на стручните служби на општината на јавната, односно стручна расправа за Измена и дополна на Генерален урбанистички план за град Охрид за дел од УЗ 2 – УБ 2.2, 2.4; УЗ 5 – УБ 5.2 и УБ 5.4; УЗ 9 – УБ 9.1 и УБ 9.3; УЗ 12 – УБ 12.2; УЗ 13 – УБ 13.2; УЗ 17 – УБ 17.1 за периодот 2014-2024, што се одржа денеска во големата сала на општината.

Ваквиот став произлегува од заклучокот на Владата донесен врз основа на Студијата за Студенчишко блато изработена во 2012 година, која бара од општината нејзина ревизија и утврдување на границите на овој еко систем, велат упатените.

-Владата бара од општината да се утврдат граници на строга заштита, кои ќе се определат со ДУП, и да се однесува кон него како кон заштитен еко систем според меѓународните конвенции кои ги има потпишано државата. -изјави Дејан Пановски од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро. Тој посочи дека при донесување на ДУП за оваа урбана заедница потоа, врвен приоритет треба да биде заштитата на животната средина и Охридското Езеро.

 
Урбаната заедница 17.1 опфаќа површина од нешто над 70 хектари, но само 13 хектари се имот на државата и нејзини институции, во кои спаѓа и деградираното Студенчишко блато, посочува Бранко Арнаудоски од секторот за урбанизам и заштита на животната срдина во општина Охрид. Тој истакна дека при носењето на претходниот ГУП во 2006 година општината со цел заштита на блатото, целиот тој простор го прогласила за заштитена зона, иако, како што рече, најголем дел од него се приватни имоти.

-Самото уништување на блатото е започнато одамна, а интензивно во 70-те и 80-те години со претварање на тој простор во градска депонија, каде се депонирани големи количини најразличен отпад. Во 90-те години од минатиот век при вцртување на локацијата за дендролошкиот расадник се утврди дека најголем дел од блатото со депонирање на комунален отпад и градежен шут е уништено, подземните канали немаат вода, а да не зборуваме за флора и фауна. Дополнително земјоделските површини на тој простор се ѓубрат со вештачко ѓубриво и хемикалии, што штети на животната средина, но и покрај тоа локалната самоуправа блокира 70 хектари простор и изработи студија за утврдување на границите од блатото кое опфаќа само десетина хектари, со цел негова заштита и прогласување за споменик на природата.-вели Арнаудоски.

Согласно одлуката на владата остатокот од блатото ќе се ревитализира и заштити, додека на останатата површина од УЗ 17.1 предвидена е мешовита намена на земјиштето.

-Предвидени се комерцијални содржини, хотелски капацитети, зеленило и други намени, а бидејќи просторот е специфичен и имајќи предвид дека еден дел ќе се ревитализира, одредена е мешовита намена на просторот, кој ќе биде дефиниран со носењето на ДУП.-појасни Арнаудоски.

На јавната расправа присуствуваа претставници на иницијативата „Охрид SOS“ која се залага за заштита на Студенчишкото блато. Претставници на иницијативата на присутните им делеа флаери, а од надлежните побараа при утврдување на границите на еко системот да бидат ангажирани независни експерти.

-Блатниот систем е реткост поврзан со езерото и ние како граѓани треба да направиме се тој да остане заштитена зона.-рече Катерина Василеска од иницијативата „Охрид SOS“.

Измените во ГУП-от опфаќаат површина од 215,41 хектари во следните граници:

УЗ 2 – УБ 2.2, П=9.49 ха – Бул. „Македонски просветители“, ул.„ Партизанска“, ул. „ Димитар Влахов“ и ул. „ Јане Сандански“;

УЗ 2 – УБ 2.4, П=10.19 ха – Бул. „ АСНОМ“, „Кеј Маршал Тито“, ул.„ Партизанска“ и ул.„Јане Сандански“

УЗ 5 – УБ 5.2, П=10.21 ха – Бул. „Туристичка“, „Прв градски ринг“, ул. „Бистрица“ и ул. „И. Дудановски“

УЗ 5 – УБ 5.4, П=34.13 ха – ул. „Железничка“, ул. „Пирин Планина“, „Прв градски ринг“ и ул. „Бистрица“

УЗ – УБ 9.1, П=28.36 ха – ул. „Железничка“, ул. „Пирин Планина“, „Прв градски ринг“ и ул. „Абас Емин“

УЗ 9 – УБ 9.3, П=16.02 ха – ул. „Железничка“, ул. „7ми Ноември“, ул. „Егејска“ и ул. „Кленоец“

УЗ 12 – УБ 12.2, П=17.75 ха – ул. „Марко Цепенков“, ул. „Момчило Јорданоски“, ул. „Сирма Војвода“ и ул. „Болничка“

УЗ 13 – УБ 13.2, П=18.73 ха – ул. „Железничка“, ул. „Кленоец“, ул. „ Будва“ и ул. „Прилепска“

УЗ 17 – УБ 17.1, П=70.53 ха – пешачки коридор на Канал Студенчишта, Бул. „Св. Наум Охридски“, Канал на р. Рача и брегот на Охридското Езеро.

Заинтересираните лица и субјекти можат да достават забелешки по предлог планот во рок од десет дена од одржување на стручната расправа, односно заклучно со 26-ти март 2015 година.

ГУП-от за Охрид го изработува „Полог проект“ од Гостивар.

OhridNews