Група граѓани, жители на ул.„Кузман Капидан“ до Градоначалникот, Секретарот, Советот на Општина Охрид, Инспекциските служби, како и до Комисијата за преземање на мерки и активности за отстранување на дрва на територијата на Општина Охрид, доставила барање за ургентно санирање на дрворедот на улицата „ Кузман Капидан“ која води до Свети Климентовата црква на Плаошник.
Како што информираат од локалната самоуправа, во барањето било наведено дека дрвата се стари од 60 до 70 години, дека некои од нив се исушени, деградирани и енормно високи. Граѓаните навеле дека најголеми проблеми настанале минатата зима по обилните снежни врнежи, при што паднале повеќе гранки и оштетиле дел од покривите и олуците.
Групата граѓани која се обратила до локалната самоуправа предложила да се исече целиот дрворед и да се засади нов, а целиот простор хортикултурно да се уреди, како и да се постават клупи и канти за отпад.
Поради доставеното барање, општина Охрид , на ден 9- ти јуни, во 13часот во големата сала на Општина Охрид, организира јавна расправа. Се покануваат жителите од ул.„Кузман Капидан“ и сите други заинтересирани граѓани да земат учество на јавната расправа и да ги изнесат своите ставови и размислувања во врска со уредувањето на оваа улица.
OhridNews