Објавен е јавен повик за доставување барања за користење средства од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2015 година, за набавка на опрема за систем „капка по капка“ за пченка, сончоглед и фуражни култури и бунари за наводнување.
Како што соопшти Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, повикот ќе трае еден месец, до 20 април 2015 година.
За оваа мерка финансиската поддршка се исплаќа по принцип на ко-финансирање на завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот во висина од 50 отсто од вредноста на одобрените прифатливи трошоци за инвестиции. Максималната вредност на прифатливи трошоци е до 922.000 денари за инвестиции во систем за наводнување на пченка и фуражни култури и до 364.000 денари за инвестиции за бунари.
Право на користење средства имаат земјоделски стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, согласно Закон за земјоделство и рурален развој. Подетални информации може да се добијат на веб-страницата www.ipardpa.gov.mk.
OhridNews