„Сведочиме за зголемен број на пациенти кои се жалат на вртоглавица“ објави на својата интернет страница Универзитетската клиника Мејиро во Токио. „Најверојатно чувствуваат последици од „болест од земјотрес“ состојба слична на болестите при движење“.
Жителите и спасувачите на подрачјето на Североисточна Јапонија, кое беше погодено од катастрофалниот земјотрес од 9 степени по Рихтеровата скала на 11 март, до овој викенд почувствувале повеќе од 400 попатни земјотреси посилни од 5 степени. Оние послабите речиси и да не се пресметуваат.
„Болеста од земјотресот“ се јавува и кај жителите на Токио, на оддалеченост од епицентарот од 300 километри.
Овие симптоми можат да се намалат со одмор и задржување на рутината, како што е легнување и станување во исто време, тврдат лекарите.
Во меѓувреме во Јапонија продолжува потрагата по исчезнатите во земјотресот и цунамито што ја погоди земјата на 11-ти март. Јапонските власти денеска испратија 22 илјади војници, 90 авиони и 50 бродови во нова потрага по исчезнатите на брегот во североисточниот дел на земјата. Според последните информации во катастрофата загинаа 12.998, но скоро 15.000 луѓе се водат како исчезнати.
извор: „Макфакс„