Сигурно повеќето од вас го гледале оскаровецот на Софиа Копола „Изгубени во преводот“. Дејствието на филмот е во Јапонија, Токио каде двајца американци кои се на снимање реклама „се губат“ не само низ преводот, туку и низ за нив, неразбирливата  традиционална јапонска култура помешана со хај – тек животот од 21 –ви век. Јапонците, за нас европејците, навистина делуваат како нешто сосема поинакво, напати неразбирливо.


Тадамитсу Саито и Кеико Кома пред Св. Софија

Контактот со луѓе од потполно поинаква цивилизација секогаш е чуден. Тоа можеше да види денес при разговорот на новинари од Охрид со гостите од Јапонија. Кеико Кома и Тадамитсу Саито се имиња за кои на овие простори малку кој слушнал. Нивната комбинација поезија плус музика резултирала со преку 200 концерти, перформанси низ целиот свет, па дури и во Карнеги Хол во Њујорк 1995, на Акропол, Грција 1999, Персеполис, Иран во 2004 година итн. Но, кои се овие луѓе и зошто се во Охрид? Г-ѓа Кеико Кома и г-динот  Тадамитсу Саито за Охрид слушнале за време на посетата и одржувањето концерт во Велико Трново, Бугарија мината година.


Во посета кај градоначалникот

Бидејќи за своите настапи се инспирираат најпрвин од духовноста и вредноста на местото кое го посетиле, во организација на кабинетот на градоначалникот на Општина Охрид, направија една мала прошетка низ градот, која ја искористија за „барање“ локација за одржување концерт. Го „одбраа“ најверојатно Античкиот театар каде ќе одржат концерт во јуни месец, со своја супериорна техничка поддршка и со своја „сопствена“ публика од Јапонија. Според Идаки Шин кој за поимот Македонија слушнал уште додека бил дете на школо („Знам за Александар Македонски – една од најзначајните личности во историјата“) за Охрид вели дека „полн со духовност“.

„Мојата музика ги буди луѓето да ја возобноват својата првична моќ на животот, ги охрабрува луѓето да прескокнат преку секоја тешкотија и да живеат полн и среќен живот“, има еднаш изјавено Тадамитсу Саито, кој се претставува и како Идаки Шин. Тој има создадено свој сопствен звучен систем кој својата моќ ја „дава“ на перформансите низ светот. Неговата музика е поддржана со традиционална јапонска поезија која ја изведува, по инспирација, поетесата Кеико Кома, благородничка со кралско потекло, кралска лоза Когурио.  Нејзините стихови носат енергија на мир и среќа која треба да загосподари со светот.

Како што рековме погоре – малку чудно за наш вкус. Но, знаејќи колку Јапонци секојдневно патуваат низ светот, ваквите контакти и соработки можат да донесат само благодет за нашиот туризам, за кој нашите туристички работници велат дека „треба да има тенденција кон елитен“.

С. Костоски