Јапонската метеоролошка служба го повлече предупредувањето за цунами 90 минути откако нов земјотрес со јачина од 7,4 степени според Рихтер денеска го погоди североисточниот брег на Јапонија.

Земјотресот се случил половина час пред полноќ по локално време, а неговиот епицентар бил 40 километри под морето, во близина на брегот на префектурата Мијаги, која беше погодена од катастрофалниот земјотрес од 9,0 степени по Рихтер на 11. март и цунамито што следеше потоа, пренесува Асошиејтед прес.

Претставници на нуклеарната централа Фукушима, која по минатомесечниот земјотрес претрпе тешка хаварија, соопштија дека нуклеарката не претрпела штета, ниту, пак, во неа има настрадани.

Јавниот телевизиски сервис НХК го повика населението од североистокот на земјата да се евакуира од крајбрежјето, на повисока надморска височина.

Денешниот земјотрес, најсилен по 11. март, се почувствувал и во Токио, кој се наоѓа на околу 330 километри јужно од епицентарот и во него зградите се треселе околу една минута.

Стотина потреси се случија на јапонскиот североисточен брег по земјотресот од пред еден месец, но само неколку беа посилни од 7,0 степени според Рихтер.

OhridNews
извор:„Макфакс“