Фотографии со морско чудовиште, кое јапонски рибар го извлече од Тихиот океан, ги преплавија социјалните мрежи и поттикнаа бројни расправи. Имено, станува збор за голем примерок од таканаречената риба-волк, која е уловена недалеку од островот Хокаидо. Просечната риба од врстата “Anarhichas orientalis” расте до должина од 112 сантиметри и е тешка 15 килограми, а оваа толку отскокнува од просекот што некои веќе почнаа да нагаѓаат дека тоа најверојатно е резултат на повеќегодишната изложеност на радијација од Фукушима.
Тоа се само нагаѓања, а рибарот Хироши Хирасаки се пофали на Твитер како ова му е веќе втор ваков улов во последниве три месеци. Овој чудовишен примерок на крајот најверојатно ќе заврши во лонец или рерна, со оглед на тоа што Хирасаки животот го посвети на лов на необични врсти и нивно припремање. Човекот дури и ја има објавено книгата „Егзотични врсти риба: Ги уловив и се обидов да ги изедам“.