Јапонската полиција умее понекогаш да биде многу трпелива, односно дури 60 пати ги испратила своите луѓе во стан на жена која на крајот била уапсена, бидејќи за шест месеци 15 илјади пати го свртела бројот на полициската станица, и тоа без некаква причина. Случајот бил забележан во Сакаи, на западот од земјата.

Полицијата најпрвин се обидела да ја убеди 44-годишната Томоми Монмае, која останала без работа, да престане да се јавува.  Еднаш го свртела итниот број 927 пати само во еден ден. Тоа било на 30 јули. Ни се ни обидувала да измисли некоја приказна, туку зборувала без ред, се што ќе и паднело на памет. Портпаролот на полицијата рекол дека можеби едноставно се чувствувала осамено. Навел дека жената не делувала како да има некое психичко пореметување.