Јапонија се уште нема изнајдено решение за проблемот со милионите тони радиоактивна вода, дури шест години после катастрофата во Фукушима.

Водата која е складирана во 900 огромни резервоари може да истече доколку се случи нова природна катастрофа.

Експертите ја повикуваат владата постепено да ја испушта водата во Тихиот Океан, повикувајќи се на фактот дека сите радиоактивни елементи од водата освен тритиум- кој е безбеден само во мали количини, се отстранети од водата со посебни третмани. Но, доколку резервоарите попуштат, ќе биде невозможно да се контролира нивната содржина.

Локалните риболовци силно се противат на ова решение поради тоа што многу потрошувачи се’ уште одбиваат да јадат риба од Фукушима и покрај сите тестови кои потврдуваат дека рибата е безбедна за консумирање.

„Луѓето повторно ќе почнат да ја одбиваат рибата од Фукушима доколку се испушти радиоактивната вода,“ истакнува Фумио Хага, локален рибар.

Кога земјотрес со магнитуда од 9 степени по Рихтер ја погоди Јапонија и предизвика цунами кое уби 18,000 луѓе, земјотресот и масовното поплавување предизвикаа прекин на работата на нуклеарната централа во Фукушима, предизвикувајќи колапс на шест реактори. Големо количество радијација беше ослободено во воздухот и високо загадена вода беше испуштена во Тихиот Океан.

И покрај тестирањата на рибата и уверувањата на научниците дека е безбедна за јадење, 1 од 5 жители се уште одбива да јаде риба и друга храна од Фукушима.Многу луѓе веруваат дека водата е складирана бидејќи не е безбедна за да се испушти и дека рибата од Фукушима не е достапна затоа што не е безбедна за јадење.

Количината на складирана радиоактивна вода во Фукушима секојдневно расте, а владата се уште нема решение што да прави со неа.

Волуменот на контамираната вода се зголемува затоа што се меша со подземна вода која влегува низ пукнатините на реакторите. По преработката, 210 тони вода се искористени како вода за ладење, а останатите 150 тони се складирани во резервоари.

Оваа вода и предизвикува главоболки на електро енергетската компанија од Токио во чија сопственост е нуклеарната централа. За да се намали навлегувањето на водата, компанијата има ископано голем број бунари за нејзино исцрпување пред да навлезе во реакторите. Исто така, изграден е и дискутабилен подземен “леден ѕид“ со делумно замрзнување на земјата околу реакторите.

Некои експерти предлагаат резервоарите да се преместат или да се одложи испуштањето на водата до 2023 година, кога половина од тритиумот присутен за време на катастрофата ќе го нема.

A.M.