Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска изјави дека прислушуваните разговори кои ги објавува лидерот на опозицијата Зоран Заев претставуваат монтирани и креирани материјали кои имаат за цел да и наштетат на угледот на Република Македонија. Јанкулоска вели дека полицијата има опрема со која може да се изврши вештачење и да се провери автентичноста на снимките, но според неа, Министерството нема да се стави во функција на некоја политичка партија.
„Доколку некоја институција достави налог за испитување на одредени материјали во процедура која е законска секако дека ќе постапиме по тоа“, рече Јанкулоска.
Јанкулоска вели дека очигледен е притисокот кој го чувствува Заев поради обвиненијата кои му се ставаат на товар, како и од текот на постапките кои се водат против него.
OhridNews
извор Макфакс