Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, денес информираше за деталите од најавената Стратегија за усогласување на основната плата во МВР со основната плата со слични служби од јавната администрација, при што најави зголемување на платите на вработените во МВР.
Јанкулоска истакна дека почнувајќи веќе од наредниот месец, односно со исплатата на априлската плата која се добива на почетокот на мај, вработените во МВР ќе добијат плати кои ќе бидат повисоки за 5% во однос на нивната мартовска плата која деновиве ќе биде исплатена.
– Тоа значи дека за оваа намена Владата обезбедува дополнителни 250.000.000 денари до крајот на годинава. Усогласувањето ќе продолжи и во наредните две години и на крајот на 2017 година основната плата на лицата со посебни должности и овластувања ќе се изедначи со основната плата на лицата со посебни должности и овластувања во Царинската управа, рече Јанкулоска.
Притоа, министерката Јанкулоска нагласи дека паралелно со овој процес, ако дојде до покачување на платите на останатите вработени во администрација, тоа ќе важи и за вработените во МВР односно тоа ќе биде ново дополнително покачување независно од процесот на усогласување на платите.
OhridNews