Поранешниот словенечки премиер и лидер на опозиција Јанез Јанша прогласен е за виновен за вмешаност во корупциската афера „Патриа“ и осуден е на две години затвор, пренесува „Макфакс“.

Како што јавува словенечката агенција СТА, Јанез Јанша заедно со двајца негови поранешни соработници е прогласен за виновен за примање мито за време на потпишувањето договори меѓу словенечката влада и финската компанија „Патриа“ за набавка на оклопни транспортери во вредност од 278 милиони евра во 2006 година.

Обвинителот Андреј Ферлинц минатата недела на судското рочиште предложи Јанша да биде осуден на две години затвор и казна од 37 илјади евра, тврдејќи дека Јанша ја прифатил „ветената награда“ на компанијата „Патриа“ во 2006 година кога беше премиер, за компанијата да победи на тендерот за опремување словенечката војска со оклопни транспортери.

За директорот на фирмата „Ротис“, Иван Чрнкович, подизведувач и посредник во тој договор меѓу војската со „Патриа“ и за офицерот на словенечката војска Тонет Кркович, обвинителот Ферлинц предложи казна од по 22 месеци затвор и по 37 илјади евра казна.

Сите обвинети од почетокот на судскиот процес се изјаснија како невини. Во меѓувреме судот одлучи да ја издвои судската постапка против австриско-канадскиот бизнисмен Валтер Волф, обвинет за посредување со незаконски провизии во „Патриа“ и против поранешниот пратеник од Словенечкатата демократска партија на Јанша, Франц Загожен, бидејќи Волф е недостапен за судот и се наоѓа во Канада, додека Загожен е тешко болен.

OhridNews
извор:„Макфакс“