Македонската фудбалска репрезентација во Анталија го одработи првиот тренинг  спроти пријателскиот  натпревар со Полска в петок од 17.15 часот. Селекторот на нашиот национален тим, Чедомир Јаневски гледа позитивно на контролната пресметка со селекцијата на Полска.


Јаневски вели дека натпреварот е вистинска шанса за фудбалерите од домашниот шампионат да се наметнат како сериозна конкуренција за составот кој ќе излезе на мегдан против Белгија во продолжението од квалификациите за Светското првенство.

“Одработивме полесен прв тренинг во центарот “Мадран“, тренинг условите во Анаталија се одлични, иако временските услови беа лоши, врнеше обилен дожд. Битно е дека предвиденото го реализиравме. Сите фудбалери тренираа со полн интензитет, освен Ранѓеловиќ кој одработи индивидуален тренинг поради повредата на глуждот. Денеска и временските услови  се идеални, очекувам сите да бидат на висина на задачата. Фудбалерите работат во позитивна атмосфера, имаат желба за репрезентативниот дрес, треба да го потврдат квалитетот и заедно да се избориме за позитивен резултат. Конкретните подготовки од техничко тактички аспект ги започнуваме од утре“,
изјави Јаневски.

Ohridnews
“ФФМ“