Со оглед на тоа дека се работи за последна проверка пред квалификациските натпревари во септември, Јаневски се одлучи на проверени имиња, a за прв пат на А селекцијата и се приклучува Давид Бабунски од Барселона. Од домашното првенство е повикан најдобриот стрелец од минатата сезона, Јован Костовски од Вардар.
“Ова е последна проверка пред квалификациските натпревари со Велс и Шкотска во септември, затоа иако сега е припремен период во сите клубови, се одлучив да повикам играчи кои имат минутажа и се активни во своите клубови. Овој натпревар не е за да експериментираме како што направивме со Шведска и Норвешка во јуни, затоа треба да го сфатиме многу сериозно. Повикав 18 фудбалери и 3 голмани. Исто така имав контакти со сите играчи што ги променија клубовите или што се на позајмица. Побаравме контакти заедно со техничкиот секретар Марио Ѓурчиновски и со сите играчи остваривме контакти освен со Горан Попов кого не успеавме да го добиеме и покрај сите наши напори, за што многу ми е жал. Сите играчи ни се добро познати, а има и млади меѓу кои и дебитантите Давид Бабунски и Стеван Спировски кој се враќа во репрезентација. Од домашниот шампионат е повикан Јован Костовски. Се надевам дека сите сериозно ќе го сфатиме овој натпревар и не очекувам само добра игра, туку и добар резултат кој би значел многу за да се подигне самодовербата пред квалификациските натпревари што не очекуваат во септември” – изјави селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Чедомир Јаневски.
Составот :
Голмани : Томе Пачовски (Мехлен-Белгија), Кристијан Наумовски (Динамо Б.-Романија), Дарко Тофилоски (Кошице-Словачка)
Одбрана : Александар Тодоровски (Штурм-Австрија), Даниел Георгиевски (Стеауа-Романија), Стефан Ристовски (Латина-Италија), Николче Новески (Мајнц-Германија), Ванче Шиков (Волин-Украина), Даниел Мојсов (Бран-Норвешка), Даниел Ивановски (Мјалби-Шведска)
Среден ред : Остоја Стјепановиќ (Висла Краков-Полска), Стефан Спировски (Борац Чачак-Србија), Никола Глигоров (Кхазар Ланкаран-Азербејџан), Давид Бабунски (Барселона Б-Шпанија)
Напад : Aлександар Трајковски (Злуте-Белгија), Агим Ибраими (Марибор-Словенија), Иван Тричковски (Беверен-Белгија), Мирко Ивановски (Астра-Романија), Горан Пандев (Наполи-Италија), Адис Јаховиќ (Вил-Швајцарија), Јован Костовски (Вардар-Македонија.