Македонските репрезентативци, во добра атмосфера со нетрпение го очекуваат дуелот. Македонија во дуелот влегува со серија од три победи – против Србија во квалификациите и Словенија односно Данска во пријателските средби.
Селекторот на репрезентацијата Чедомир Јаневски, кој добро ги познава приликите во белгискиот фудбал, на прес конференцијата рече дека Белгија нема да не потцени и дека веќе го знае тимот кој ќе го започне натпреварот.
„Познавајќи го Вилмотс (селектор на Белгија) сигурен сум дека нема да дозволи неговите играчи да не потценат, што значи дека и тие ќе играат максимално ангажирано. Ние до натпреварот ќе одржиме уште два тренинга, во главата веќе го имам тимот, секако доколку во овие два-три дена не се случи нешто непредвидено“, рече Јаневски.
„Ние треба да стравуваме од целиот тим на Белгија, на секоја позиција имаат по двајца-тројца квалитетни фудбалери. Знам дека имаат проблеми со неколку играчи кои се неизвесни за натпреварот, но тоа не е некој минус за нив, бидејќи и нивните ’замени’ имаат квалитет да одиграат добар натпревар.“
Серијата од три победи, според селекторот е добра подигнување на самодовербата во екипата, но таа серија не смее да предизвика еуфорија која би можела да биде контрапродуктивна.
Тоа е добро за самодовербата, да видат дека имаат квалитет и да разберат дека не треба да стравуваат од Белгија. Единствено што им посочив на фудбалерите, по победата над Данска, е да не дозволат да ги зафати еуфорија.“
Натпреварот Македонија-Белгија ќе се одигра во петок со почеток во 20:45 часот, реваншот на програмата ќе биде на 26.март во Брисел.