Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Чеде Јаневски, нема дилеми околу составот и формацијата, со кој, во петок во Загреб, ќе и се спротистави на Хрватска.

„Немам дилеми околу составот, тимот го што ќе го започне натпреварот го знаев веќе два дена. Но мене ми се важни сите 23-ца играчи кои ќе патуваат за Хрватска, а не само оние 11 кои ќе истрчаат на почетокот. Играчите кои ќе го започнат натпреварот, со работата на тренинзите сами се избраа да бидат меѓу стартерите“, рече Јаневски.

Селекторот, кој против Хрватска ќе го има своето деби на клупата на „црвено-жолтите“, рече дека играчите добиле јасни инструкции како да се однесуваат во новата формација, и како што вели, во секој момент треба да знаат што да направат кога ја имаат топката кај себе и кога поседот на топка е кај противникот.

Македонскиот селектор уште еднаш го истакна задоволството од однесувањето и желбата која репрезентативците ја покажувале на тренинзите и дека во Загреб очекува поволен резултат, исполнетоста на „Максимир“ воопшто не го интересира.

„Ние имаме свој мотив и не се оптоварувам со тоа дали стадионот ќе биде не и дали во Хрватска го сакаат или не селекторот Штимац. Битно ќе биде како ние ќе му пристапиме на натпреварот, го респектираме противникот но ги знаеме нашите квалитети, со добра тактичка поставеност ќе се обидеме да избориме позитивен резултат“, порача Јаневски.

Македонија, во рамките на првото квалификациско коло, за пласман на Мундијалот во Бразил ќе и гостува во петок на Хрватска во Загреб, мечот ќе започне во 20:15 часот.

“макфакс“
Ohridnews